Малолетник е меѓу трите лица по кои се трага откако со автомобил паднаа во реката Лепенец

Илустрација, архивска фотографија од течението на реката Лепенец

Тим нуркачи сѐ уште трагаат по трите лица што вчера со автомобил паднаа во реката Лепенец, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). До сега од реката е извлечено едно лице, а меѓу тројцата по кои се уште се трага има и еден малолетник.

„Според пријавеното, покрај возачот имало и тројца сопатници М.П.(48), Ш.П.(21) и 16-годишен малолетник. По несреќата сопатникот Ш.П. е изваден од реката и пренесен во ГОБ „8 Септември“ каде од лекар му биле констатирани телесни повреди, а по останатите три лица се трага од страна на екипи од Одделот за специјални полициски операции“, стои во соопштението од Министареството за внатрешни работи.

Од ЦУК велат дека потрагата се одвива во исклучително тешки услови бидејќи реката е длабока и многу брза, а со себе носи и предмети кои се опасност за нуркачите.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР )вчера информираа дека екипи од Одделот за специјални полициски операции трагаат по три лица во реката Лепенец.

Видете и ова: УХМР: Водостојот на Вардар најмалку двојно повисок од просечниот


Според информациите од Министерството за внатрешни работи, возилото завршило во Лепенец откако автомобил „фолксваген туран“ со македонски регистарски ознаки претекнувал колона автомобили на патот од Скопје кон граничниот премин „Блаце“.

„Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил „бе-ем-ве“ со косовски регистарски таблички, кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртил во реката Лепенец“, се вели во соопштението од МВР.

Едно лице од атомобилот со косовски таблички е извадено од реката и пренесено во ГОБ „8 Септември“. Причините за судирот сѐ уште се утврдуваат.