Сопрен е истекот на водата од хидроелетраната „Вруток “ во Маврово за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар, освен тоа што доаѓа од дождовите, соопштија од Центарот за управување со кризи. Во нивното соопштение е наведено дека нивото на реката е високо, па ова е превентивна мерка од можните излевања на реката во Полог.
„Според податоците од хидролошките станици низ земјава се уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полог“, се вели во соопштението на ЦУК.
Видете и ова: Излеани реки, поплавени домови и отсечено село по обилните дождови во Македонија
Висок е водостојот на Вардар и во Скопје. Зголемен водостој се очекува и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес поради движењето на поплавниот бран. И на реката Треска висок е водостојот.
На останатите водотеци има намалување или стагнација на водостоите во однос на утринските, информираат од ЦУК.