Милитанти поврзани со Исламската држава убија 25 лица во терористички напад на училиште во западна Уганда во близина на границата со Демократска Република Конго, соопшти полицијата на Уганда на 17 јуни.
„Нашите сили го гонат непријателот за да ги спасат киднапираните и да ја уништат оваа група“, напиша на Твитер портпаролот на одбраната Феликс Кулајгје.
Видете и ова: Најмалку 170 загинати и над 100 исчезнати по поплавите во Конго
Властите не соопштија колку луѓе биле киднапирани од напаѓачите, членови на бунтовничката група Сојузни демократски сили (ADF) која ветила верност на Исламската држава.
Членови на бунтовничката група извршиле напад врз средно училиште, запалиле студентски дом и ограбувале население на 16 јуни, соопшти полицијата.
Полицијата не сподели информации колку од 25-те загинати во нападите се ученици.
„Досега 25 тела се извлечени од училиштето. Исто така, извлечени се осум жртви, кои се во критична состојба префрлени во болницата Бвера“, соопшти полицијата.
Војниците ги гонеа напаѓачите кои побегнаа кон Националниот парк Вирунга во Демократска Република Конго, додаде полицијата.