Во Србија поради поплавите прогласена е вонредна состојба во 52 града и општини, а за 24 часа се евакуирани 217 луѓе, соопштија надлежните. Началникот на Одделот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Србија Милорад Спасојевиќ изјави дека голем дел од територијата на Србија е зафатена од поплави и сите сили се насочени да спасат човечки животи.
„Само вчера имавме над 217 успешни евакуации на наши граѓани, а тоа се вкупно речиси 295 евакуации од 26 мај кога почнаа да не следат катастрофите“, изјави Спасојевиќ.
Тој додаде дека приоритет е сите да се евакуираат и да се однесат на безбедно.
Видете и ова:
Поплави во Србија, вонредна состојба во 42 места
Тој додаде дека сè уште се ангажирани пумпи со висок интензитет за испумпување на водата во Лучани и Јагодина, но дека се испумпува и во Бор, Аранѓеловац, Белград, Пожега, Косјериќ, како и на сите места каде што се излеале поројните води.
Утрово се урна мостот што ги поврзува селата Мрчајевци и Слатина преку Западна Морава кај Чачак.
Во моментот на уривањето, на мостот немало никој, а мостот веќе бил оштетен од поплави, а сообраќајот преку него бил забранет.