Германскиот Бундестаг со поддршка за македонскиот јазик и култура

Илустрација, Германија, ЕУ, Бундестаг

Разноликоста на ЕУ ќе се збогати со македонскиот јазик и култура пишува во резолуцијата за Северна Македонија на германскиот Бундестаг.

Вечерва бундестагот ќе гласа за резолуцијата со која се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија, што би трребало да претставува признание на македонската култура, идентитет и јазик. Таа е поднесена од парламентарни групи на трите владејачки коалициски партнери во владата, Социјалдемократите, Зелените и Либералите.

„Северна Македонија е мултиетнички модел. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи", пишува во резолуцијата, пренесува Дојче веле на македонски јазик.

Видете и ова: Има ли надеж за забрзана интеграција со новиот пристап за проширување на ЕУ?

Во резолуцијата уште пишува дека 2023 е клучна година за европската иднина на Северна Македонија и дека пристапувањето е во обостран интерес. Но исто така се бара од владата „итно“ да ги спроведе потребните реформи во чувствителните области како што се борбата против корупцијата, зајакнување на довербата во судството и создавање поголема транспарентност во процесите на избор и назначување на важни функции во јавната администрација.

„Во оваа тешка ситуација, и владата и опозициските партии во Северна Македонија сносат голема одговорност за одржување на социјалниот мир и продолжување на демократскиот реформски курс. Тие се клучни за патот кон ЕУ кој е и во интерес на Германија“, се наведува во резолуцијата.

Во неа има уште 13 точки во кои германскиот Бундестаг ја повикува владата во Берлин да ги преземе повеќе дејствија за да и помогне на Северна Македонија. Документот насловен „Активна поддршка за Македонија на патот кон ЕУ вечерва се очекува да ја изгласа германските пратеници.