Повеќе од 100 000 евакуирани поради циклонот во Индија и Пакистан

Големи бранови се забележани на плажата Клифтон, во Карачи, Пакистан, пред доаѓањето на циклонската бура, 13 јуни 2023 година

Повеќе од 100 000 луѓе се евакуирани од патеката на моќниот циклон кој се движи кон Индија и Пакистан, а синоптичарите во средата предупредија дека може да уништи домови и да урне далноводи.

Бипарџој, што на бенгалски значи „катастрофа“, се движи преку Арапското Море и се очекува да се спушти на копно како „многу силна циклонска бура“ во четврток навечер, соопштија владините метеоролошки институти, а пренесе АФП.

Се предвидува силни ветрови, бури и обилни дождови да го погодат крајбрежјето од 325 километри меѓу Мандви во индиската држава Гуџарат и Карачи во Пакистан.

Индиската метеоролошка служба предвиде дека невремето ќе го погоди индиското пристаниште Јахау доцна во четвртокот, предупредувајќи на „тотално уништување“ на традиционалните домови покриени со кал и слама.

Беше објавено дека ветровите во морето веќе дуваат со брзина до 180 километри на час.

„Над 47 000 луѓе се евакуирани од крајбрежните и ниските области во засолништа“, рече Ц. Пател, службеникот задолжен за операциите за помош во Гуџарат.