Од Делчево до Киев

МАКЕДОНИЈА - Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски денеска информира дека се мобилизирани екипи на јавните претпријатија со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните и се санираат штетите по домовите.

ЦРНА ГОРА - Неколку училишта, судови, институции и медиуми во Црна Гора на 9 јуни добија мејлови со дојави за поставени бомби. Министерството за образование соопшти дека наставата во петок ќе се одржува онлајн, а се укинува и екстерното тестирање за учениците на крајот од деветто одделение од основното училиште по изборни предмети.

САД - Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа (НСЦ) Џон Кирби на 9 јуни рече дека додека Иран продолжува да и испорачува на Русија дронови што Москва ги користи против украинските цивили во нејзината нелегална војна во Украина. Двете земји сега преземаат чекори за да го приближат производството на беспилотни летала до воената зона со изградба на фабрика за дронови на околу илјада километри источно од Москва.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителството не пронајде докази за вина кај поранешниот шеф на Управата за финансиска полиција(УФП), Арафат Муареми. Тој е ослободен после пријавите на анонимни граѓани за примање награда за противзаконито влијание, а поради кои поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нареди претрес во финансиската полиција.

РУСИЈА - Руското Министерство за надворешни работи на 9 јуни најави дека Москва ќе го напушти Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа на 7 ноември годинава. Министерството во соопштението посочи дека сите земји вклучени во договорот биле информирани за потегот.

УКРАИНА - Стотици илјади Украинци се борат да добијат вода за пиење по големите поплави во јужна Украина по уништувањето на браната Нова Каховка на реката Днепар, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека спасувачите продолжија со напорите да однесат на безбедно што е можно повеќе луѓе.

МАКЕДОНИЈА / САД - Уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија, изјави поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли во интервју за Гласот на Америка на македонски. Тој истакна дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

МАКЕДОНИЈА - Во мај на едно четиричлено семејство му биле потребни 49 025 денари односно 797 евра за да ги покрие основните и минималните трошоци., соопштија од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кои ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошничка. Просечната исплатена нето плата по вработен во март годинава изнесува 34. 925 денари односно 567 евра.

УНГАРИЈА - Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 9 јуни остро го критикуваше како „неприфатлив“ договорот на Европската унија за ревидирање на правилата за земјите-членки кои примаат азиланти и мигранти.

САД - Покренато е обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за погрешно ракување со класифицирани документи кои беа пронајдени при претресот на неговиот имот во Флорида. Ова го прави Трамп прв поранешен претседател во историјата на Соединетите држави кој се справува со кривична пријава од федералната влада која што некогаш била под негова ингеренција.