Од лидерска до кардиохирургија

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска упати повик до разрешениот директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев да биде негов национален советник за кардиохирургија.

ЕУ - Европската Унија го објави планот за зајакнување на односите со Латинска Америка, додека таа се обидува да го зголеми своето влијание соочена со руската инвазија врз Украина. Врските на ЕУ со регионот се отежнати поради неуспехот да се склучи сеопфатен трговски договор со групата од четири земји, Меркосур – Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај, за кој преговорите траат веќе две децении.

РУСИЈА -  Москва соопшти дека украинската „диверзантска“ група кренала во воздух дел од нафтоводот Толјати-Одеса што Русија го користела за извоз на амонијак пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.
Нафтоводот долг 2 500 километри е дел од меѓународните преговори за да се дозволи извоз на жито од Украина во услови на конфликт со Русија.

КОСОВО - Во Косово може да се одржат нови избори во општините со мнозинско српско население, погодени од протестите, доколку 20 отсто од гласачите потпишат петиција со која бараат избори, јавија денеска косовските медиуми пренесувајќи делови од интервју на косовската претседателка Вјоса Османи за Ројтерс.

КИНА - Кина остро го негираше постоењето на тајни полициски станици во Обединетото Кралство, откако Лондон нареди да ги затвори. Министерот за безбедност на Велика Британија Том Тугендхат изјави дека владата и рекла на кинеската амбасада да ги затвори станиците, откако групата за човечки права „Safeguard Defenders“ го објави извештајот за нивното постоење во Обединетото Кралство.

САД - Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, кој лојално му служеше на Доналд Трамп, но се сврте против него по нападот на Капитол во 2021 година, денеска официјално ја објави својата кандидатура за претседателска номинација на Републиканската партија за изборите во 2024 година.

ШВЕДСКА / МАКЕДОНИЈА - Се сомневам дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во областа на владеење на правото, порача шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, нагласувајќи дека е неопходна искрена посветеност од сите засегнати страни во борбата против корупцијата и дека не постои скратен пат кон ЕУ.

САД - Најмалку две лица загинале, а неколку други се повредени во пукање за време на матурска забава во театарот „Алтриа“ во Ричмонд, главниот град на американската сојузна држава Вирџинија, пренесоа американските медиуми.

МАКЕДОНИЈА - СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прифати со услов - без ДУИ. ДУИ ја прифати ракавицата, ама само до избори. Разликите се во деталите, кога и како да се гласа во Собрание за уставните измени и од кога да стапат во сила.