Ковачевски и Мицкоски на средба за уставните измени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски

Вклучување на Бугарите во Преамбулата и иднината на земјата во контекст на евроинтеграциите ќе бидат главните теми за кои денеска ќе разговараат премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Клубот на пратениците.

Ковачевски повикува опозициската партија да поддржи уставни измени, додека ВМРО-ДПМНЕ во деновите пред официјалните разговори го повтори ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.

Според владиното соопштение од понеделникот на средбата Ковачевски-Мицкоски ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.

Видете и ова: Лидерска Ковачевски-Мицкоски, предлози има, договор нема

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, исто така соопштија дека ставот на партијата е оти уставни измени нема да има и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор.

Мицкоски синоќа од трибина во Прилеп упати апел за национално единство и обединување, и рече дека, „не постои она што го велат од владата или уставни измени или изолација, туку единствено мора да има зачувување на идентитетот и фер шанса за влез во Европската Унија“.

Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.

Уставните измени се потребни за да се продолжи европската интеграција на Северна Македонија. Но, за да се смени Уставот потребно е двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент, а засега мнозинството ги нема потребните гласови.