НДИ – Ниските плати, високите цени и корупцијата се најголеми проблеми на граѓаните

Луѓе во центарот на Скопје

Ниските плати и пензии се најголемиот проблем со кој се соочува Северна Македонија, покажува истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ) објавено на 6 јуни.

Во истражувањето „Северна Македонија: Перцепција на граѓаните за општата состојба, економските политики и заштитата на потрошувачите“, речиси третина од испитаниците (27,2) проценти рекле дека најголем проблем тоа е животниот стандард, ниските плати и пензиите. За 22,9 од испитаниците најголем проблем се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти зголемување на цените и инфлацијата.

Минималната плата во земјава изнесува 20.175 денари, околу 330 евра, најниската пензија изнесува околу 200 евра, инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто, додека потрошувачката кошничка изнесува нешто под 50.000 денари (813 евра).

Следни на листата најголеми проблеми за државата се невработеноста (8,4 проценти), интеграција во ЕУ, отвореното прашање со Бугарија (6,7 проценти), владеење на правото и демократијата (5,9 проценти), иселувањето (5,4 проценти), судството (4,6 проценти), здравството (два процента)...

Животниот стандард, како проблем, почесто го споменуваат испитаниците на возраст од 35 до 54 години и лицата со помали семејни приходи. За корупцијата и криминалот како проблем, пак, се изјаснуваат повозрасните од 55 години и тие со повисоки примања. Невработеноста и иселувањето ги мачи тие на возраст од 18 до 34 години.

Во истражувањето се наведува дека повеќе од половина од испитаниците (56 проценти) сметаат дека државата се движи во погрешна насока, една третина (31,3 проценти) имаат неутрален став, а 11,1 отсто од испитаниците велат дека државата се движи во правилна насока.

Видете и ова: Има работа и поголеми плати, но младите и натаму заминуваат


На прашањето „Доколку утре се одржуваат парламентарни избори, колку е веројатно дека ќе излезете да гласате?“ одговор дека би гласале дале 71 процент од испитаниците, дека не би гласале 23 отсто. Според истражувањето, доколку утре се одржат парламентарни избори, 21,5 проценти ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 проценти за СДСМ, 6,2 проценти за ДУИ, 3,6 проценти за БЕСА, 3,4 проценти за Алијанса за Албанците, 2,9 проценти за Левица...

Истражувањето на Националниот демократски институт е спроведено од 13 до 24 април годинава на примерок од 1003 испитаници на возраст од над 18 години, со метод лице-в-лице и маргина на грешка +/-3,09 процентни поени.