Од Ескобар до Вранишковски

МАКЕДОНИЈА - Православната охридска архиепископија (ПОА), на митрополитот Јован Вранишковски се врати во Македонската Православна Црква - Охридска Архиепсикопија(МПЦ-ОА). Интегрирањето се случи на 5 јуни на заедничката богослужба во црквата „Света Софија“ во Охрид на архијереите на Македонската православна црква и на Српската прваославна црква г.г Стефан и г.г Порфириј, придружувани од епископи на двете цркви.

МАКЕДОНИЈА - Уставните измени треба да се случат, како што се случи и Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство, изјави лидерот на Демократската Унија за интеграција ( ДУИ) Али Ахмети на 5 јуни на настанот за одбележување на 21-годишнината од основањето на партијата.

КОСОВО - Припадници на турскиот баталјон командоси, чие испраќање беше побарано од НАТО, пристигнаа на Косово поради неодамнешното влошување на безбедносната состојба. Претставник на турското Министерство за одбрана минатата недела изјави дека околу 500 турски војници ќе бидат испратени на Косово.

РУСИЈА - Руската приватна група на платеници Вагнер предводена од Евгениј Пригожин објави видео од заробениот руски потполковник во кое тој „признава“ дека го наредил нападот врз платенците. Оваа објава доаѓа во време кога се во пораст тензиите меѓу руските платеници Вагнер и вооружените сили на Русија.

ЕУ - Судот на правдата на Европската унија (СЕУ) на 5 јуни донесе пресуда со која утврди дека реформата на правосудството во Полска од 2019 година го прекршила правото на ЕУ. Претходно Европската комисија, која е извршна власт на Унијата, тврдеше дека полскиот Врховен суд ја нема потребната независност и непристрасност.

МАКЕДОНИЈА - Притвор од 30 дена доби жител од Ресен поради сомневање дека силувал шест годишно девојче. Битолското обвинителство соопшти дека против него е отворена истрага по пријава за кривично дело „силување дете кое не наполнило 15 години“.

САД / ЕУ - Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак и американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар на 5 и 6 јуни ќе бидат во официјална посета на Приштина и потоа Белград. Целта на посетата е да се потврдат барањата на Брисел и Вашингтон до Косово и Србија за итно смирување на тензиите на севереот на Косово, потврди портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

МАКЕДОНИЈА - „Дома не разговараме за службени работи“, изјави на 5 јуни поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева на денешната седница на Судскиот совет на која им објаснуваше на членовите на Советот за тоа дали имала конфликт на интереси додека ја извршувала функцијата.

УКРАИНА - Украинската војска соопшти дека во изминатите 24 часа се воделе нови борби во источна и јужна Украина, како и дека биле пријавени повеќе напади од Украина во рускиот регион Белгород, додека Киев соопшти дека спречил обид за инфилтрација на руски „диверзанти“ во регионот Харкив.

МАКЕДОНИЈА - Лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се одржи в среда во Клубот на пратениците, соопшти денеска владината прес служба. Во соопштението е наведено дека главна тема на разговор ќе бидат уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат во Преамбулата.