Судскиот совет ќе ги „тресе“ судските процеси на сопругот на екс претседателката Дамева

„Дома не разговараме за службени работи“, изјави на 5 јуни поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева на денешната седница на Судскиот совет на која им објаснуваше на членовите на Советот за тоа дали имала конфликт на интереси додека ја извршувала функцијата.

На денешната седница се разгледуваше известувањата за нејзиното учество во работа на две комисии, каде се рангирале судии од пониски во повисоки судови и каде се барало одговорност за еден судија.

Според дел од членовите на советот спорно е тоа што токму тие судии биле дел од судечки совет во процеси каде бил инволвиран нејзиниот сопруг Младен Дамев. Тој е претседател на Управниот одбор и директор на претпријатието „Скопски Пазар“, кое е оштетна странка, но и како тужител во различни судски процеси.

„Јас ниту треба, ниту сум морала да знам за деловните обврски, за судските постапки или за било какви постапки на мојот сопруг. Ние дома не разговараме за ова, ниту тој знае јас во што постапувам, ниту јас знам за него. Второ, мојот сопруг или било кој член од семејството нема законска обврска мене да ме известува за јас Вас да ве известам. Во овој момент знам за овие и ве известив веднаш штом дознав, а ќе ве известам веднаш ако дознаам и за други постапки“, рече Дамева.

Од Претседател на судскиот совет Дамева беше разрешена на 26 април, на седница која помина тензично откако потпретседателот на Судскиот совет. Заменик претседателот Селим Адеми го презеде од неа раководењето на седницата и го стави на гласање нејзиното разрешување за кое се изјаснија 7 членови.

Видете и ова: Дамева поднесе тужба до Управниот суд за нејзиното разрешување

На истата седница се очекуваше да биде сменет судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети кој со месеци го чуваше предметот за една од најголемите афери со прислушувањето „Таргет-Тврдина.“ На нејзино место беше избран судијата Сашко Георгиев, додека Дамева поднесе тужба до Управниот суд за нејзиното разрешување.

На денешната седница Павлина Црвенковска која е член на Судскиот совет, но и негов поранешен претседател рече дека обврска на Дамева била кога станала член на Судскиот совет да праша, каде нејзиниот сопруг има предмети, а тоа важи и за друг член на семејството, на пример деца. Ова е со цел да се изземе од постапките за судиите кои постапуваат во тие предмети.

„Кога е член на судски совет и кога одлучува за судбина на судии како може да не праша дома. Кои предмети ги имаш, да знам да се изземам? Да не се доведам во судир на интереси. А таа бара изземање откако тука во Советот се открија некои работи“, рече Црвенковска.

Членовите на судскиот совет Мирјана Радевска Стефкова и Мери Радевска побараа да се обезбедат сите податоци за првото и за второто известување.

По ова ќе се знае дали Дамева ќе се изземе од понатамошната работа на комисиите кои одлучуваат за предмети од судии каде е инволвиран нејзиниот сопруг.

Според Дамева ова е хајка која се води против неа и иронично побара освен на нејзиниот сопруг да се „тресе“ состојбата по судовите дури и на нејзината ќерка, но тоа да важи и за сите членови на семејства на сите членови на Судски совет.

Видете и ова: Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет поради скандалите

Инаку, за случувањата во Судскиот совет загриженост изразија од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), но и „Блупринт групата за реформи во правосудството“. Сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа каде посочи дека е ставен во „мирување “ голем проект финансиран од Холандија, осветен на зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.