Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече терористички напад убиството на тројца војници на границата со Египет и побара целосна заедничка истрага со Каиро. Египет соопшти дека соработува со Израел за да го истражи инцидентот во саботата.
„Израел ѝ пренесе јасна порака на египетската влада. Очекуваме заедничката истрага да биде исцрпна и темелна“, рече Нетанјаху, а пренесе Ројтерс.
„Ќе ги подобриме процедурите и методите на дејствување за да не се повторат трагични терористички напади како овој“, додаде израелскиот премиер.
Денеска се појавија повеќе детали за инцидентот долж границата. Границата обично е мирна, бидејќи соседите имаат силна безбедносна соработка, иако има чести извештаи за шверц на дрога, вклучувајќи го и оној што се случил пред смртоносното насилство, пренесува Ројтерс.
Видете и ова: Блинкен во посета на Египет, Израел и Западниот Брег по зголемените тензииИзраелската армија претходно соопшти дека двајца нејзини војници биле убиени во саботата рано наутро од припадник на египетската служба за безбедност. Нивната станица во пустината беше оддалечена и беа потребни неколку часа пред да бидат откриени нивните тела.
„Го окарактеризиравме настанот како тероризам и почнавме да ја расчистуваме областа“, рече портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во интервју за израелскиот медиум INET.
Бил испратен дрон и сомнително лице беше идентификувано на 1,5 километар внатре во Израел. За време на размената на оган загинале египетски чувар и трет израелски војник.
Египетската армија во саботата соопшти дека тројца израелски и египетски чувари биле убиени во размена на оган додека чуварите бркале шверцери преку границата. Во 1979 година, Египет стана првата арапска земја што потпиша мировен договор со Израел и тие ја делат границата од повеќе од 200 километри.