Мирно на северот на Косово

Звечан, 4 јуни 2023 година

Косовската полиција соопшти дека состојбата во општините на север - Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, моментално е мирна.

„Следењето на ситуацијата и координираниот ангажман на полицијата со соодветните безбедносни институции, како и обично, продолжува во северните општини,“ изјави портпаролот на косовската полиција Баки Келани во интервју за Радио Слободна Европа.

И екипата на Радио Слободна Европа во Звечан известува дека бројот на демонстрантите на 4 јуни е мал.

Во меѓувреме косовскиот премиер Албин Курти за британската телевизија Би Би Си изјави дека општинските згради во три општини на север - Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан - се сопственост на Република Косово и не може да има компромис за демократијата.

Коментирајќи ги неодамнешните тензии на северот, Курти рече дека Косово може да го намали бројот на полицајци во општинските згради, ако однапред, рече тој, бандите, кои се финансирани од Белград, отидат „или во Србија, или во затвори“.

„Во овие три општини Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан имаме три згради и ако не градоначалниците, тогаш кој треба да биде во нив? Ако не се за лидерите, кому му служат? Градоначалниците се во зградите и така и треба да биде зошто тие се сопственост на Република Косово“, рече премиерот на Косово.

Видете и ова: Османи објави план од 9 чекори за нормализација на ситуацијата во Косово

Тој додаде дека порано имало паралелни институции на Србија, кои биле незаконски, „создадени со средства на официјален Белград, кој сака да ја дестабилизира нашата земја, со идеја да создаде голем српски свет“.

„Ние сме против такво нешто“, вели Курти во интервјуто.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.