САД, Јапонија и Јужна Кореја најавија размена на информации за севернокорејски ракети

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин за време на неговото обраќање на Самитот Шангри-Ла во Сингапур, 3 мај 2023

САД, Јапонија и Јужна Кореја денеска објавија дека ќе почнат до крајот на годината да споделуваат информации за лансирани севернокорејски ракети. Ова се нагласува во изјава објавена по состанокот во Сингапур на министрите за одбрана на трите земји.

„Вашингтон, Токио и Сеул планираат да активираат „механизам за споделување податоци во реално време за да ја подобрат нивната способност за откривање и проценка на лансирање ракети од Северна Кореја“, се вели во соопштението.

САД, Јапонија и Јужна Кореја го објавија ова откако Северна Кореја се обиде да лансира воено разузнавачки сателит оваа недела, но сателитот „падна во море“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговите јапонски и јужнокорејски колеги Јасуказу Хамада и Ли Џонг-суп се состанаа на маргините на одбранбениот самит Шангри-Ла дијалог.

„Тие разговараа за растечките нуклеарни и ракетни закани од Демократска Народна Република Кореја (ДНРК), како и за напорите за подобрување на трилатералните безбедносни вежби и решавање на заедничките безбедносни предизвици во Индо-пацифичкиот регион“, се наведува во соопштението.

Видете и ова: Јапонија ќе собори севернокорејски сателит ако падне на нејзина територија

Јужнокорејското Министерство за одбрана во посебна изјава рече дека е „посветено да постигне понатамошен напредок во наредните месеци кон активирање механизам за споделување информации за предупредување за ракети во реално време“.

Хамада на прес-конференција рече дека иницијативата „ќе ја подобри способноста на земјите да ја откријат и проценат заканата од ракети лансирани од Северна Кореја“ додавајќи дека ќе работат напорно за да го постигнат тоа што е можно поскоро.

Висок функционер за одбрана на САД пред објавувањето изјави дека планираната размена на податоци на крајот се однесува на „зајакнување на трилатералната соработка, за која веруваме дека е во интерес на сите три наши земји“.

Сеул, Токио и Вашингтон го критикуваа неуспешното лансирање на сателит на Северна Кореја, со кое според нив е прекршено низа резолуции на Обединетите нации со кои Пјонгјанг му забранува какви било тестови со помош на технологија за балистички проектили.

Јужнокорејската војска објави дека успеала да лоцира и спаси некои од осомничените остатоци. Северна Кореја нема функционален сателит во вселената, а лидерот Ким Џонг Ун го постави развојот на воен шпионски сателит како главен приоритет.

Пред неуспешното лансирање, Пјонгјанг лансираше пет сателити од 1998 година. Трите се веднаш откажани, а за два се верува дека биле пуштени во орбитата.