Една година Стратешки дијалог Северна Македонија - САД

Илустрација - Амбасадорката Агелер и министерот Османи

Северна Македонија и САД денеска одбележаа една година од меѓусебниот Стратешки дијалог , што беше одржан на 2-ри јуни 2022 година, во Вашингтон. Дијалогот беше лансиран од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и државниот секретар на САД, Антони Блинкен, со што беше отворено ново поглавје во билатералните односи и меѓу двете земји.

Денешната годишнина од Стратешкиот дијалог со видео порака ја одбележаа шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.

Видете и ова: Владеење на правото и борбата против корупцијата приоритет на стратешкиот дијалог на Владата и САД

“Како стратешки партнери, ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошно зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјава кон ЕУ, што е наш заеднички стратешки интерес”, истакнува Османи.

Амбасадорката Агелер реафирмирајќи ја силната поддршка за нашиот евроинтегративен процес, порача: “Соединетите Американски Држави отсекогаш биле и секогаш ќе бидат, ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамки на европската заедница.”