Власта најави разговори за нов модел за пресметување на цената на струјата

Министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски

Министерот за финансии и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и другите членови од Енергетскиот совет во рамки на Владата наредниот месец ќе разговараат за новиот модел за пресметување на цената на електричната енергија. Ова го најави Министерот за економија Крешник Бектеши кој порача дека независно каков ќе биде утврдениот модел, поскапување на електричната енергија нема да има.

„ Можам уште од денеска да им соопштам на граѓаните дека нема да плаќаат поскапа струја од 1 јули до крајот на годината“, рече Бектеши.

Во РКЕ пристигнало и барањето од МЕПСО за зголемување на цената на електричната енергија, откако претходно тоа го направија и Електродистрибуција и МЕМО. Сите компании пријавиле зголемени трошоци.

Електродистрибуција бара зголемување од 32,17 насто, на МЕМО му се потребни 83,3, а на МЕПСО 53,51 процент, информираше Марко Бислимовски. За барањето на МЕМО појасни дека навидум излегува голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти.

Барањата на овие компании влијаат врз крајната цена на струјата. Сега се на потег регулаторите, кои ќе направат анализи колку од пријавените трошоци се реални и прифатливи.

„Ќе видиме дали е тоа прифатливо за нас или не. И претходно кажав, не сум приврзаник за промени на цената на електричната енергија сега“, изјави вчера претседателот на РКЕ.

Видете и ова: Од 1 јули можна евтина дневна тарифа, но и зголемено ДДВ за струјата

Од 1 јули граѓаните најверојатно ќе имаат можност повторно да користат евтина дневна тарифа на електрична енергија, најави вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој додаде и дека се прават анализи и можно е од 1 јули да се врати ДДВ-то за струјата од 10 на 18 отсто.

Во моментот граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година, кога струјата поскапе за 9,48 отсто.