Вучиќ им вети на европските лидери дека ќе работи на деескалација на Косово

Молдавија, Украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракува со српскиот претседател Александар Вучиќ во присуство на премиерот на Луксембург Хавиер Бетел пред почетокот на Самитот во Кишињев

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави на 1 јуни дека Белград ќе направи се за да ја деескалира ситуацијата во Косово, Оваа информација е објавена на официјалниот профил на Вучиќ на социјалната платформа Инстаграм.

Во објавите на Инстаграм, се наведува дека тој имал низа средби на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија, меѓу кои и со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и со премиерот на Холандија, Марк Руте. Тој посочи дека со нив разговарал за актуелните предизвици во Косово, регионот на Западен Балкан, европскиот пат на Србија, но и билатералните односи и зајакнувањето на политичкиот дијалог.

Видете и ова: На самитот на ЕУ ќе се разговара и за Косово каде што и денеска има собирања

„Се согласивме дека треба што поскоро да се најде решение за актуелната криза за да се зачува мирот и стабилноста. Разговаравме за понатамошни чекори кои ќе придонесат за изнаоѓање решение за сегашната тешка и сериозна ситуација. Со надеж дека разумот ќе надвладее, за доброто на сите“, напиша Вучиќ.

Лидерите на Европската унија, на самитот во Кишињев, Молдавија, треба да разговараат за ситуацијата во Косово на 1 јуни, како дел од меѓународните напори да се стави крај на кризата.

Етничките Срби повторно се собраа на 1 јуни во градот Звечан, поприштето на жестоки судири на 29 мај, но денеска во помал број од претходните денови. Собири има и во другите општини на северот на Косово.

Најголемата косовска српска партија најави дека ќе ги продолжи протестите поради присуството на градоначалниците во општините со мнозинско српско население, кои неодамна беа избрани на гласање кое го бојкотираа етничките Срби.

Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ на Самитот на Европската политичка заедница, Молдавија 1 јуни 2023

На инстаграм профилот на Вучиќ се наведува дека тој имал средби и со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и со премиерот на Албанија, Еди Рама.