Антикорупциска- Употребата на европско знаменце за коридорите 8 и 10 дел од политичката корупција

Членовите на Антикорупциската комисија, архивска фотографија

Употребата на европско знаме во Собранието, носењето закони по скратена постапка, носењето на специјални закони што ги негираат сите други закони е само дел од политичката корупција што ни се случува, изјави на 1 јуни членот на Антикорупциската комисија Нури Барјами во одговор на новинарско прашање до каде е работата со предметот за Договорот со „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10- д.

„Во овој случај Комисијата само ќе укаже дека има некоја слабост и на крајот пак тоа продолжува. Појдовна точка е дека ваквиот закон со злоупотреба на политичка волја е спротивно на европските стандарди“ вели Бајрами.

Тој додава дека ваквите закони можат да продуцираат се и сешто. Антикорупционерите на денешната седница изјавија дека се работи на предметот, кој е комплексен и бара многу време и ресурси, но оти имаат проблем со обезбедување на целокупниот договор, бидејќи е доставен само делумно.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Коридори 8 и 10: Каде поминуваат, што е изградено, а што ќе се гради?

Според нив најголемиот проблем е што се озаконува корупцијата.
Тие најавија дека откако ќе го обезбедат целиот договор, тој што има сертификат ќе го разгледа и потоа ќе излезат со став.

Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша измените на законите за изградба на коридорите 8 и 10д, кои минатата недела ги усвои Собранието по скратена постапка. Тој на 29 мај рече дека секој што се сомнева во уставноста на некои од усвоените закони, може да поднесе иницијатива пред Уставниот суд.

Видете и ова: Пешевски: Нема цена што ќе натера градежен работник да работи 60 часа неделно

ДКСК отвори предмет за проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д за којшто е потпишан Договор со „Бехтел и Енка“ по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзор, а предмет по допрен глас отвори и Јавното обвинителство.

По официјализирањето на примената на Договорот, во тек се подготвотелни активности за претстојните градежни работи на терен.

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор.

Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци, а проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра.