Тензии и турканици во бугарскиот парламент, седницата прекината

Бугарските пратеници дојдоа до физичка пресметка на пленарната седница на 1 јуни на која се дебатираше за декларацијата предложена од политичката ултрадесничарска партија „Преродба“ и на „Продолжуваме со промените за демократската Бугарија ( ПП-ДБ). По овој настан седницата на парламентот е презакажана.

Повод за тензичната атмосфера беа меѓусебните напади меѓу Искра Михаилова од „Преродба “ и Јавор Божанков од ПП-ДБ.

Во нејзината декларација Михаилова цитира изјави од Националниот совет на ПП при што ги нарече пратениците од таа партија „предавници на Бугарија“. Таа бараше партијата да го врати мандатот за формирање на Влада кај претседателот Румен Радев.

„Луѓето кои денес се под истрага за национално предавство и злосторства против републиката и немаат трпение да склучат политички ала-бала сојуз со други обвинети за перење пари, на пример“, изјави Михајлова.

Божанков ги осуди таквите тврдења на опозицијата.

„Изгледа дека една исклучително популистичка проруска партија само се обидува да добие втора шанса на изборите“, и одговори Божаков од говорницата.
Додека тој говореше, опозициските пратеници се насобраа околу говорницата, по што настана хаос.

Дел од пратениците од владејачката коалиција се обидоа да го заштитат Божанков. По неколку минутните турканици, Собранискиот спикер прогласи кратка пауза и ја презакажа седницата за подоцна во текот на денот.

До овој настан дојде по неколкудневите чести напади на „Преродба“ кон ПП-ДБ . Во средата, лидерот на проруската партија, Костадин Костадинов, објави статус на Фејсбук, во кој напиша дека „ПП-ДБ сега може да се преименува во „Шарлатани, шпиони, доушници и ѓубриња“. Тој во изминативе неколку денови често повикува да се забрани делувањето на ПП-ДБ како политичка партија и нејзините лидери да се притворат.

Видете и ова: Бугарија:ГЕРБ и ПП-ДБ договорија владина коалиција со ротирачки премиери

На 2 април во Бугарија се одржаа петтите по ред предвремени парламентарни избори за две години. ГЕРБ победи на изборите, но со недоволна поддршка за самостојно владеење. Новиот владин состав доаѓа на предлог од коалицијата „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и ГЕРБ . Премиерот на оваа влада ќе се менува на ротациона основа.

Во првите 9 месеци премиер ќе биде Николај Денков од ПП, а вицепремиер и министер за надворешни работи Марија Габриел од ГЕРБ. Следните 9 месеци Габриел ќе стане премиер, а Денков вицепремиер.