Македонски бебиња, романски наставници, северно-корејски ракети...

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин се огласи за нападот со дронови врз Москва. Тој ја обвини Украина за терористичка активност и тврди дека Киев го избрал „патот на заплашување на руските граѓани“. Тој рече дека нападот со беспилотни летала врз Москва бил насочен кон „цивилни цели“ и дека воздушната одбрана на главниот град ќе биде зајакната. Тој рече дека таа се претставила задоволително, но дека „има работа да се заврши“.

ЛИТВАНИЈА - Литванскиот претседател Гитанас Наузеда бара посилно присуство на НАТО на источното крило на Алијансата додека руската војна против Украина продолжува.
„Ова е линија на фронтот што треба да биде многу силна. Ни треба воздушна и ракетна одбрана и поголемо присуство на сојузничките сили во регионот“, рече Наузеда на 30 мај по состанокот со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во Вилнус.

МАКЕДОНИЈА - Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период лани, е намален за 8.8 % и изнесува 3656 живородени деца, соопшти Државниот завод за статистика.

КОСОВО - Како одговор на немирите на северот на Косово и ранувањето на 30 припадници на КФОР, Северноатлантската алијанса одлучи да ги ангажира резервните оперативни сили за Западен Балкан, кои беа во состојба на подготвеност за ангажман. НАТО оваа одлука ја објави на Твитер. Во понеделникот војниците на КФОР се судрија со српските демонстранти во Звечан, кои се противат на влегувањето на новите албански градоначалници во општинските згради.

КИНА - Кина денеска испрати тројца нови астронаути во својата вселенска станица Тиангонг, меѓу кои за првпат има и еден цивил. Како што јавуваат странските агенции, новата мисија е драгоцено искуство за Кина, која повторно потврди дека сака да испрати човек на Месечината до 2030 година.

ХРВАТСКА - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Загреб изјави дека Хрватска нема скриена агенда за уривање на нечии влади, па ни на владата на Србија, судејќи дека официјален Белград е премногу оптоварен со пишувањата на хрватските медиуми.

РОМАНИЈА - Десетици илјади наставници во Романија од основните и средните училишта излегоа на протестен марш до зградата на владата во центарот на Букурешт. Бараат подобри плати, повеќе инвестиции во образованието и реформа на образовниот систем во земјата.

МАКЕДОНИЈА - Во 2022 година, идентификувани се девет жртви на трговија со луѓе од кои осум женски и едно машко лице. Најголем број од нив, се деца - седум на возраст од 14 до 17 години. Според видот на експлоатацијата, во најголем број од случаите се идентификувани како присилен брак - шест лица, а две се идентификувани како сексуална експоатација од кои едниот случај е онлајн експлоатација. Годинава, три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација, информира министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната регионална конференција посветена на спречувањето и борбата против трговијата со луѓе.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја потврди дека ќе лансира извидувачки сателит во јуни, велејќи дека ѝ е потребен за да ги следи воените движења на Соединетите Држави и нивните партнери во реално време, објавија државните медиуми во понеделникот (29-ти мај), цитирајќи висок претставник на одбраната.