Бајден и Мекарти постигнаа договор за зголемување на лимитот на јавниот долг на САД

Американскиот претседател Џо Бајден на разговори за ограничување на долгот со претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти во Овалната соба во Белата куќа во Вашингтон, САД, 22 мај 2023 година.

Претседателот на САД Џо Бајден и лидерот на републиканското конгресно мнозинство Кевин Мекарти постигнаа начелен договор за зголемување на лимитот на јавниот долг од 31.400 милијарди долари.

Договорот беше објавен без прослава, што отсликува колку тешки биле разговорите и дека договорот допрва треба да помине низ Претставничкиот дом и Сенатот, пишува Ројтерс.

„Само што го завршив телефонскиот разговор со претседателот. По неколку месеци кога тој губеше време и одбиваше да преговара, денеска постигнавме начелен договор достоен за американскиот народ“, рече Мекарти доцна навечер во саботата.

„Договорот е важен чекор напред, но е и компромис. Тоа значи дека нема секој да го добие она што го сака. Тоа е одговорност на владеењето“, рече Бајден.

Видете и ова: Американскиот конгресмен Сантос негира дека лажел и правел проневери

Со договорот на две години ќе се зголеми законскиот лимит на јавниот долг, кој сега изнесува 31.400 милијарди долари.

Сè уште треба да се разработат некои детали, но Мекарти очекува законот да биде напишан во недела, за да може да се гласа во среда.

Тој за новинарите изјави дека договорот вклучува историско намалување на јавната потрошувачка и додаде дека нема да има нови даноци и нови владини програми.

Доколку Бајден и Мекарти не постигнаа договор за зголемување на плафонот на долгот, САД можеа да се најдат во ситуација кога доцнат или не можат да ги исполнат финансиските обврски, без разлика дали се однесуваат на платите, пензиите или бенефиции.

Видете и ова: Бајден вети нов пакет воена помош за Украина

Според економистите, ова невидено сценарио би било синоним за голема рецесија и колапс на пазарот во САД, со можна „зараза“ која би се проширила на глобалната економија.

Бајден, Мекарти и нивните тимови мораа многу внимателно да бараат компромис, за да го поминат низ поделениот Конгрес.

Републиканците на Мекарти имаат мнозинство во Претставничкиот дом (222-213), а демократите на Бајден го контролираат Сенатот со тесна разлика (51-49).

Најтешко ќе биде да се задоволи десното крило на Републиканската партија, кое сака остри кратења на јавната потрошувачка, и левото крило на Демократската партија, кое би го намалило долгот со повисоки даноци за богатите и компаниите.