Вучиќ: Немало посериозна и поголема криза на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, говорејќи за инцидентите што се случија денеска во Звечан на северот на Косово, изјави дека на Косово немало посериозна или поголема криза од оваа во моментот.

Тој ова го кажа во своето обраќање вечерашниот митинг организиран од Српската напредна партија (СНС) во Белград.

„Веднаш по овој собир ќе имаме состанок на Советот за национална безбедност на кој ќе разговараме за тоа што ќе се случува на Косово“, рече Вучиќ.

Новите албански градоначалници денеска добија помош од косовската полиција, откако групи локални жители во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ со мнозинско српско население се спротивставија на нивното одење во канцелариите што претходно ги користеа српските власти.

Видете и ова: Тензии на северот на Косово, Србија ја подигна борбената готовност

Ден претходно тие дадоа заклетва во јавните објекти, како што се училиштата, од безбедносни причини, бидејќи во зградите на општината се сместени Привремените општински тела кои работат во системот на Србија.

Косовската полиција употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите, кои ја нападнаа полицијата со камења и запалија неколку автомобили.

Постапките на косовските власти во општините на север ги осуди американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој го повика косовскиот премиер Аљбин (Албин) Курти веднаш да престане со „насилните мерки и повторно да се фокусира на дијалогот што го води ЕУ“. Потезите ги осуди и Европската Унија, која најави дека повеќе нема да прифаќа провокативни потези.