Работната група ја усвои Предлог иницијативата за измена на Уставот

Претседателката на работната група за уставни измени, Маргарира Цаца Николовска

Работната група ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.

„Она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарира Цаца Николовска.

Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.

Видете и ова: Работна група за привлекување поддржувачи за уставни измени

Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.

Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.

„Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремаат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие предлог измени за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел - влез во Европа,“ изјави Цаца Николовска.

Во работната група за уставните измени не членуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои се противат на ваквите измени.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.