Подготовки за митингот во Белград на кој повика претседателот Вучиќ

Пред Собранието на Србија во Белград e поставена бина на митинг на кој повика српскиот претседател, 26 мај 2023 година.

Во центарот на Белград во тек се подготовките за средбата што ја свика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, закажана за 26 мај во вечерните часови. Владејачката Српска напредна партија (СНС) го нарече митингот „Србија на надежта“.

Пред зградата на српскиот парламент се поставува бина, мобилни тоалети и шатори за медицинските екипи. Поставени се огради на дел од просторот околу Собранието, а јавното претпријатие за паркинг ги отстранува автомобилите паркирани во тој дел од градот.

Има информации дека се организира бесплатен превоз за пристигнување на митингот, како и дека има списоци на вработени кои треба да присуствуваат на митингот.

Пред повеќе од една недела дваесетина Срби од Косово тргнаа пеш кон Белград со цел до петок да бидат присутни на обраќањето на српскиот лидер.

Видете и ова: Организаторите тврдат- на свој трошок носиме македонски граѓани на собирот на Вучиќ

Бесплатни автобуси организираат и здруженија од Северна Македонија и Република Српска. Меѓу оние кои ќе патуваат во главниот град на Србија е и претседателот на Република Српска Милорад Додик.

По двете масовни убиства во Србија на почетокот на мај, опозицијата досега организираше два протести во Белград под слоганот „Србија против насилството“. Во нив учествуваа десетици илјади луѓе.

На протестот се бараше затворање на телевизиите со национална фреквенција кои наводно промовираат насилство, како што се телевизиите Пинк и Хепи, оставка на министерката за полиција Братислава Гашиќ и шефот на агенцијата за безбедност Александар Вулин, итно откажување на реалните шоуа, замената на членовите на советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми).

Овие протести во Белград, според Александар Вучиќ, се обид за злоупотреба на тагата и обид да се „уништи се што е српско“. Тој реши да организира контрапротест, односно митинг кој го најавува како најголем митинг во српската историја, на кој ќе се обрати. Опозициските партии во Србија ја обвинуваат партијата на Вучиќ дека вршела притисок и закани врз вработените во државните институции да присуствуваат на митингот.