Од 1 јули можна евтина дневна тарифа, но и зголемено ДДВ за струјата

илустрација

Од 1 јули граѓаните најверојатно ќе имаат можност повторно да користат евтина дневна тарифа на електрична енергија, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Во интервју за утринската програма на телевизија Телма рече дека се прават последните анализи за тоа дали може да се врати евтината дневна тарифа.

„Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и таа најверојатно ќе биде вратена од 1 јули. Цената на електричната енергија ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика преку соодветни параметри“, вели Битиќи.

Од друга страна пак Битиќи вели дека се прават анализи и можно е од 1 јули да се врати ДДВ-то за струјата од 10 на 18 отсто.

Видете и ова: Зошто може да се врати евтината струја преку ден?

„Кога пред една и пол година донесовме мерка за ублажување на состојбите со енергетската криза, една од мерките беше намалување на стапката на ДДВ на 10 отсто. Тогаш најавивме дека таа постепено ќе се враќа на 18 отсто затоа што не сакаме да нанесеме штета на приходната страна во буџетот. Сега се прават последните анализи дали ќе остане на 10 отсто или ќе се врати на 18 отсто, без притоа товарот да падне целосно кај граѓаните“, изјави вицепремиерот Битиќи.

Во моментот граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година, кога струјата поскапе за 9,48 отсто. Тогаш од РКЕ соопштија дека ако не се донесела одлука за укинување на дневната евтина тарифа, поскапувањето на струјата ќе беше 14,23 отсто.