Германската економија влезе во рецесија

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германската економија влезе во рецесија, покажаа најновите официјални податоци, откако инфлацијата и каматните стапки ја намалија побарувачката во најголемата европска економија. Според Сојузниот завод за статистика Дестатис, германскиот бруто домашен производ (БДП) е намален за 0,3 отсто во првите три месеци од оваа година.

На ова му претходеше пад во последниот квартал од претходната година, кога БДП се намали за 0,5 отсто. Падот се случи откако Германија се соочи со скок на цените на енергијата по руската инвазија на Украина, која ги оптоварува домаќинствата, како и бизнисите.

Видете и ова: Германски синдикат преку штрајк бара покачување на плати за 650 евра

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој претходно изрази уверување дека Германија направила доволно за да избегне пад, ги минимизираше стравувањата од продолжена рецесија.

„Шансите на германската економија се многу добри“, рече тој на прес-конференција, наведувајќи ги значајните инвестиции, вклучително и во фабриките за батерии.