Русија ги повика амбасадорите на Германија, Данска и Шведска поради „Северен тек“

Архивска фотографија од местото каде е оштетен гасоводот „Северен тек“

Руското Министерство за надворешни работи во четвртокот (25-ти мај) соопшти дека ги повикало амбасадорите на Германија, Шведска и Данска за да протестираат поради, како што рече, „целосен недостиг на резултати“ во истрагата за тоа кој го оштети гасоводот Северен тек минатата година.

Неколку подводни експлозии го дупнаа Северен тек 1 и новоизградениот гасовод Северен тек 2 што ги поврзува Русија и Германија преку Балтичкото Море во септември 2022 година, пренесува Ројтерс.

Експлозиите се случија во економските зони на Шведска и Данска, а двете земји велат дека експлозиите биле намерни, но допрва треба да се утврди кој е одговорен. Двете земји и Германија го истражуваат инцидентот.

Видете и ова: Шведската истрага за излевањата од „Северен тек“ ги зајакнуваат сомнежите за саботажа

Во соопштението, Министерството за надворешни работи на Русија ги обвини сите три земји дека намерно одложуваат и се обидуваат да прикријат кој стои зад експлозиите. Тие изразија вознемиреност од, како што рекоа, непроѕирната природа на истрагата и нејзиното одбивање да се ангажира со Русија.

„Забележано е дека овие земји не се заинтересирани да ги утврдат вистинските околности на оваа саботажа. Не е случајно што „протечените“ неверојатни верзии (за она што се случи) се фрлаат по медиумите за да се обидат да ги заматат водите“, се вели во руското соопштение.

Соединетите Американски Држави и НАТО го нарекоа инцидентот „чин на саботажа“. Москва го обвини Западот. Ниту една страна не презентираше докази.