Протест на Независниот синдикат за образование

Претседателот на синдикатот, Томислав Гиевски

Членовите на Независниот синдикат за образование денеска во Скопје одржаа протест, на кој побараа да не се спојуваат наставните предмети и да се почитуваат колективните договори.

Претседателот на синдикатот, Томислав Гиевски вели дека спојувањето на предметите може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.

„Со спојување на предметите во рок од пет години со целосна имплементација во просек ќе се изгуби едно работно место во две училишта. Географот се обучувал да предава географија, историчарот историја...Тоа е исто како хирурзите да ги испратиме да гаснат пожар, а пожерникарите да ги испратиме да работат во некоја конфекција. Се погазува професионалноста“, вели Гиевски.

Видете и ова: Спојувањето предмети отвора нови проблеми во образованието

Истовремено членовите изразија незадоволство и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование.

„Кога станува збор за просветните работници изреката е постојано дека нема пари, дека државата е во криза, но видовме како државните функционери експресно најдоа начин да си ги зголемат нивните плати за 78 отсто“, вели Гиевски.

Протестот започна напладне од Жена парк, а учесниците пешачеа до зградата на Министерството за образование и наука, каде одржаа говори.

Тие најавија дека доколку нема слух и доколку не настанат радикални промени во скоро време од страна на МОН ќе повикаат на преземање порадикални чекори што подразбира организирање „обичен или бел штрајк“ во зависност од синдикалната поддршка.