Кинескиот претседател и понуди на Русија „цврста поддршка“ во клучните интереси

Рускиот премиер Михаил Мишустин со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, 24 мај 2023 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг му понудил поддршка на рускиот премиер Михаил Мишустин од Пекинг за „клучните интереси“ на Москва на денешната средба.

Посетата на Мишустин е највисоката посета на руски функционер на Кина од минатогодишната инвазија на Украина, потсетува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Си му рекол на Мишустин дека Кина и Русија ќе продолжат да си пружаат „цврста поддршка во прашањата од суштински интереси и да ја зајакнат соработката во мултилатералните арени“, објави кинеската официјална новинска агенција Ксинхуа.

Кина и Русија треба „да ја подигнат соработката во различни полиња на повисоко ниво“, рече тој, и „да го подигнат нивото на економска, трговска и инвестициска соработка“.

Видете и ова: Специјалниот пратеник на Кина, во „мировна“ мисија во Украина и Русија

Рускиот премиер претходно потпиша серија договори со Кина за време на посетата на Пекинг, опишувајќи ги билатералните врски на високо ниво како „без преседан“, и покрај неодобрувањето од Западот.

Пред Си, премиерот Михаил Мишустин разговараше со кинескиот премиер Ли Џијанг.

Посетата дојде откако Русија и Кина жестоко реагираа на декларации на Групата седум изминатиот викенд, кои ги издвоија двете земји за низа прашања, вклучително и Украина.