Чешка потпиша договор за ставање крај на зависноста од руската нафта

Нафтовод

Чешката државна енергетска компанија „Меро“ на 23 мај соопшти дека потпишала договор за ставање крај на зависноста на земјата од руската нафта, повеќе од една година по инвазијата на Москва на Украина.

Меро ќе финансира 73 милиони долари за проширување на Трансалпскиот нафтовод, кој доставува нафта од италијанското пристаниште Трст до централна Европа.

Со тоа ќе се удвои капацитетот на нафтоводот во Чешка на осум милиони тони нафта на годишно ниво почнувајќи 2025 година.

„Овој договор е нашата иднина, тој ќе не одвои од Русија по долги 60 години и ќе ни помогне да постигнеме независност, слобода и суверенитет во снабдувањето со енергија“, изјави за новинарите извршниот директор на Меро, Јарослав Пантучек.

Чешка, која е членка на ЕУ и има 10,5 милиони жители, минатата година почна да се одвикнува од рускиот гас.

Двете рафинерии во Чешка минатата година добија 7,4 милиони тони нафта, од тоа 56 проценти беше од Русија преку нафтоводот Дружба ( Пријателство).

ЕУ донесе забрана за поголем дел од увозот на нафта од Русија во мај 2022 година, три месеци откако Русија ја нападна Украина, но гасоводот Дружба беше изземен од таа забрана.

Видете и ова: Истекување во клучниот нафтовод од Русија до Германија, не постои сомневање за саботажа


Чешкиот премиер Петр Фиала во вторникот рече дека ослободувањето и дава време на Прага да преговара за договорот за Трансалпскиот нафтовод.

Тој го поздрави договорот како „голем чекор, пресвртница за нашата енергетска независност од Русија“.

Пуштен во употреба во 1967 година, Трансалпскиот нафтовод е во сопственост на конзорциум од осум нафтени фирми, кои покрај Меро ги вклучуваат и Шел, ЕНИ и Ексон Мобил.

Овој нафтовод транспортира нафта од Италија до јужна Германија, од каде потоа преку други цевководи патува до Чешка и Австрија.