Орбан - Потребни подобри односи со Шведска пред да стане членка на НАТО

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Мора да се подобрат односите меѓу Унгарија и Шведска пред да и биде одобрена кандидатурата на оваа нордиска земја за членство во НАТО, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на 23 мај, на Економскиот форум во Катар.

Шведска и Финска поднесоа барање за приклучување кон НАТО минатата година по руската инвазија на Украина, пишува Ројтерс.

Но, Турција и Унгарија ја блокираа апликацијата на Шведска. Унгарските власти се незадоволни од критиките на Шведска за потезите на Орбан во однос на демократијата и владеењето на правото.

„Политичките односи меѓу Унгарија и Шведска се ужасно лоши. Не сакаме да внесуваме конфликти во НАТО“, рече Орбан.

Видете и ова: По влезот на Финска во НАТО, зошто Турција ја кочи Шведска?

Сè уште нема датум кога унгарскиот парламент би можел да гласа за кандидатурата на Шведска за прием, која мора да биде ратификувана од сите постоечки членки.

НАТО најави состанок на шефови на држави и влади во јули.

Оваа недела Орбан ја започна посетата на Катар. Неговата влада минатата година започна разговори со Катар за купување течен природен гас. Орбан во вторникот рече дека „преговорите се уште се во тек“.

„Има интерес и од Катар за аеродромот во Будимпешта“, рече Орбан на форумот во Катар, додавајќи дека инвеститорите се „добредојдени“.