Италијанската премиерка Џорџа Мелони на 21 мај ги посети поплавените подрачја во северна Италија, откако го прекина својот престој на самитот на Групата најразвиени светски економии (Г7) во Јапонија.
Нејзиниот авион околу ручек слетал во градот Римини на Јадранско Море и таа веднаш почнала да ги посетува градовите во регионот Емилија - Ромања, каде во поплавите загинаа 14 лица, а причинета е материјална штета од неколку милијарди евра.
Околу 36.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, а многу од оние кои останаа во поплавените подрачја немаат струја.
Тешко погодени се и земјоделските имоти на кои се одгледуваат праски, киви и кајсии, како и пченка и жито.
Видете и ова: Тринаесет загинати во поплавите во ИталијаДождот денеска престана, а спасувачките екипи и локалните доброволци се обидуваат да ја испумпаат водата од зградите и да ја отстранат калта што се насобрала на улиците.
Мелони го напушти самитот на Г7 во Хирошима еден ден порано од планираното, велејќи дека нејзината совест ја спречува да биде настрана од погодените области.
Во вторник, на 23 мај, италијанската влада ќе одржи седница на која ќе одлучува за мерките за помош на луѓето за да се справат со вонредната ситуација.