Обилните дождови во Западен Балкан предизвикаа поплави

Поплави во Хрватска

Обилните врнежи значително ги зголемија водостоите на реките Купа и Корана во Карловац во Хрватска, каде е прогласена вонредна состојба. Критично е и во областа Хрватска Костајница а реката Уна е речиси четири метри над нормалното ниво. Саваскиот насип во Сисак, во централна Хрватска, попушти и водата го потопи комплексот на Здружението за терапевтско и рекреативно јавање.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во четвртокот пристигна во Карловац, за кој рече дека е „одбранет“, особено деловите кои претходно биле во најтешка ситуација.

„Можеме да кажеме дека ситуацијата во моментов е под контрола. Ја следиме ситуацијата во другите окрузи, особено во Сисак-Мославина“, рече Пленковиќ, додавајќи дека ситуацијата во Костајница во моментов е сложена.

Видете и ова: Обилни дождови во БиХ - Поплавени куќи и отсечени патишта

Земјите во регионот се погодени од обилни дождови кои доведоа до поплави во Словенија, Босна и Херцеговина и Србија.

Обилните дождови во изминатите неколку дена предизвикаа зголемување на нивото на водата во сите водотеци во кантон во северозападниот дел на Босна и Херцеговина.

Во Србија две лица се повредени во поплавите во Нови Сад, и десетина куќи се под вода, но никој не е во животна опасност. Пожарникарите во Целје и Марибор, ги отстрануваа последиците од обилните врнежи што ја зафатија Словенија и предизвикаа уште 16 одрони.