Радев- Македонско мултиетничко општество само со „сонародниците на Гоце Делчев“ во Уставот

Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека македонската влада ќе може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога, како што изјави, ќе најде сили да ги впише „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“. Тој оваа изјава ја даде на новинарско прашање за наводни „македонски црни списоци “ за бугарски државјани, јавува новинската агенција БГНЕС.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија(ЕУ).

„ Раководството на Македонија треба да ги убеди своите граѓани, а не Бугарија, дека гради демократска држава. Држава во која не се пука во бугарските клубови, тие не се палат и во која Бугарите не се изложени на системски терор, физичко насилство и режирани судски процеси“, изјави Радев на годишната конференција на началниците на одбраните од балканските земји во Софија.

Видете и ова: Уставните измени се само една од можните сопки кон влезот во ЕУ

Оваа реакција доаѓа по изјавата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој вчера изјави дека дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, „за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина“.

Ковачевски ова го изјави на дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик, откако претходно на истиот Самит, бугарската потпретседателка Илијана Јотова говореше за правата на Бугарите во Северна Македонија.

Лидерката на бугарската Социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, изјави дека партијата иницира декларација на Националното собрание (НА) за осуда на односот на Република Северна Македонија (РСМ) кон Бугарија.

Причина за тоа, според неа, се „ многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија“.

Видете и ова: Ковачевски: Дискурсот на Бугарија кон Северна Македонија наликува на рускиот кон Украина

Според Радев македонската преговарачка рамка со ЕУ содржи неразделен дел, а тоа е Протоколот, кој е потпишан од двете земји.

„Таму нема прогрес. Затоа зборувам со европските лидери и институции да има движење по тој протокол, зашто таму се учебниците, таму е говорот на омраза, таму се медиумите, таму е отворањето на архивите и извинувањето за етничките репресии кон Бугарите во историјата. Таму има и други важни работи како што е зачувувањето на нашето културно наследство“изјавил Радев.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор. Бугарија ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ со барање Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав.