По разговорот со Бајден, Мекарти очекува договор за лимитот на долгот на САД

Претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, американската потпретседателка Камала Харис и претседателот Џо Бајден за време на состанокот во Вашингтон на 16 мај 2023 година.

Американскиот претседател Џо Бајден е оптимист дека може да се постигне договор за зголемување на лимитот за задолжување на САД, како и претседателот на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, кој дури се надева на договор до крајот на неделата.

Бајден, Мекарти и други високи претставници на Конгресот се состанаа на 16 мај во Белата куќа, во нов обид да постигнат договор за зголемување на лимитот за задолжување на Соединетите држави, за да може владата да позајми повеќе за да ги плати постоечките обврски.

Средбата траеше околу еден час, но Мекарти беше оптимист дека „до крајот на неделата е можно да се постигне договор“ иако, како што наведе, преговорите биле далеку од успешни.

Мекарти за новинарите изјави дека Бајден се обидува да постигне договор до 1 јуни, за да ја спречи можноста од економска катастрофа, пренесува Гласот на Америка.

Видете и ова: Белата куќа: Бајден ќе соработува со победникот на изборите во Турција

Имаме многу да направиме за кратко време“, рече Мекарти, истакнувајќи дека последната средба го отворила патот за идни разговори.

Бајден по состанокот рече дека се уште има тешки прашања на кои треба да се работи, но дека е оптимист дека постои пат до „одговорен, двопартиски договор за буџетот, доколку двете страни преговараат со добра волја и признаат дека ниту една не може да добие се што сака.“

Бајден рече дека средбата била продуктивна, но дека има уште работа.

Водачот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, кој учествуваше на состанокот, исто така изрази надеж за договор, истакнувајќи дека сите учесници разбрале дека би било катастрофално ако САД не можат да ги платат своите сметки. Тој најави и продолжување на преговорите.

Бајден инсистира Конгресот да го подигне сегашниот плафон на долгот од 31,4 трилиони долари, без дополнителни услови.

Мекарти и републиканците во Конгресот повикаа на значително намалување на идните владини трошоци во замена за зголемување на плафонот на долгот за една година. Тоа сценарио ќе бара нова рунда преговори за плафонот на долгот во раните фази на претседателските прелиминарни избори во 2024 година.