МОН препорачува помалку мобилни во училиште, повеќе разговори и размена на идеи

илустрација

Секое училиште треба да направи протокол за начинот на користење на мобилните телефони, за време на часовите и во просториите на училиштата. Да се отворат дискусии за тоа, дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците. Сите училишта во Македонија да одржат состаноци со сите родители на тема „Подобрување на процесите, безбедност на организација и состојбите на училишните објекти и околината“.

Овие се само дел од препораките кои ги соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а за кои рече дека стапуваат во сила веднаш.

„Општините, во соработка со центрите за социјални работи да формираат стручни тимови кои ќе разговараат со секое дете. Стопирањето на употребата на мобилни телефони на час ќе поттикне повеќе дискусија и размена на идеи“, рече меѓудругото Шаќири.

Видете и ова: Ограничувања, забрани, кампањи - како да се заштитат децата

Министерот вели дека сетот препораки кои се наменети за училиштата се усвоени во овој, како што рече, исклучително сензитивен период кога треба да се реагира правилно за да се превенира меѓуврсничко насилство.

„Во кризни ситуации менаџментите и наставниците треба да одговорат соодветно и да влијаат на менталната состојба на младите и да ја смират несигурноста. МОН и Бирото за развој на образованието ќе направат листа на ресурси за кои ќе се дискутира на одделенските часови, а кои ќе служат за унапредување на добросостојбата на учениците“, додаде Шаќири.

Министерот посочи дека ќе им се укаже на директорите да обезбедат стручни служби да функционираат за добра училишна клима, а секое училиште ќе треба да обезбеди услови за ангажман на соработници кои ќе бидат отворени за ученициите и ако има потреба, да закажат тет-а-тет средба со училишниот психолог.

Препораките се дел од дискусиите кои претставници на МОН ги одржаа со експерти на тема спречување на насилството и зголемување на безбедноста во училиштата. До ова дојде по масовното убиство во едно белградско училиште во кое еден тринаесетгодишник уби девет соученици и припадник на училишното обезбедување.