Ердоган се надева на мирни избори, Киличдароглу бара повеќе демократија

Киличдароглу на гласањето во Анкара, 14 мај 2023

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека резултатите од парламентарните и претседателските избори ги следи од Истанбул, а не од Анкара, јави германската новинска сгенција ДПА.

Според агенцијата, откако гласаше во областа Ускудар во Истанбул, актуелниот турски претседател изразил надеж дека изборите ќе поминат без проблеми.

„Важно е сите гласачи да гласаат без проблеми до 17 часот за да се покаже силата на турската демократија“, рече Ердоган, јави агенцијата Бета.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Турција пред пресвртница или по старо

Во Турција денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Анкетите покажуваат тесна трка меѓу Киличдароглу и 69-годишниот Ердоган. Право на глас имаат над 64 милиони турски граѓани. Според аналитичарите, ова е најголемиот политички предизвик до сега за Ердоган кој долги години е на чело на турската држава.

Видете и ова: Избори во Турција: Султан или турски Ганди

Турскиот претседателски кандидат Кемал Киличдароглу, главниот предизвикувач на Ердоган, ја поздрави потенцијалната претстојна промена во земјата додека гласаше на изборите во Турција, јави ДПА.

„Многу ни недостасуваше демократијата. Се надеваме дека пролетта наскоро ќе дојде“, рече Киличдароглу пред телевизиските камери додека стоеше пред гласачката кутија во главниот град Анкара.

„Или ќе завршат двете децении од владеењето на претседателот Ердоган или Ердоган ќе победи и ќе остане на чело на Турција како нов султан“, вели Сонер Чаптај од Вашингтонскиот институт, анализирајќи го можниот исход од изборите на кои главен ривал на Ердоган му е Кемал Киличдароглу, кого го нарекуваат „турскиот Ганди“.