Ковачевски - Не се на товар на Буџетот приватните патувања на моето семејство

Премиерот Димитар Ковачевски и неговата сопруга во посета на САД. Средба со специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, 9 мај 2023

Премиерот Димитар Ковачевски на 11 мај изјави дека приватните патувања на членовите на неговото семејство никогаш не биле на товар на Буџетот на Република Северна Македонија. Тој одговараше на прашањето дали на товар на државата во Соединетите Американски Држави (САД), патувал и неговиот син.

Ковачевски заедно со владин тим, но и со неговото семејство од 2 до 10 мај беше во посета на САД.

„На патувањата кои одам, зависно од поканата и од протоколот, како што е случајот и со други претставници на власта, сум придружуван од мојата сопруга, зависно од тоа дали има покана и настан на кој ќе присуствува, а приватните патувања на кои патуваат другите членови на моето семејство никогаш не биле на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почеток на новата инвестиција на компанијата „Магна“ во Штип.

Доколку е потребно, рече Ковачевски, за секое нивно патување ќе и доставувам сметки на јавноста но сметам дека тоа е беспредметно.