МНР до Ковачев: Секој европратеник кој го почитува достоинството на граѓаните е добредојден во Северна Македонија

МНР

Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во пишана изјава до медумите, откако бугарскиот европратеник Андреј Ковачев денеска во интервју за БТВ побара прецизно објаснување од официјално Скопје зошто не бил пуштен на граничниот премин за влез во земјава на 6 мај, пред, како што рече тој, „да разгледува можност за ново вето кон Македонија“.

„За Владата на Северна Македонија приоритетно прашање е членството во ЕУ. За таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер - фундаменти. Паралелно се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените. Во таа насока, на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“, се вели во соопштението на МНР.

Дополнително нагласуваат дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи имало сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.

Видете и ова: МВР тврди Ковачев не ги исполнил условите за влез, бугарското МНР реагира

Бугарското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека е разочарано од одлуката на македонските властите да не им дозволи влез во земјата на петмината бугарски државјани.

Настанот на кој требало да присуствуваат е по повод празникот Ѓурѓовден, што традиционално со години се организирал во Ново Село, Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“ преку свеченост во Бугарската воени гробишта со панихида.

Инаку, односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.