Двете девојчиња од Струмичко, 12 и 14 години, кои вчера околу 16 часот се изгубија во близината на трговскиот центар „Веро Џамбо“ во центарот на Скопје, се пронајдени доцна синоќа. Веста на Фејсбук ја соопшти мајката на едно од девојчињата која им се заблагодари на сите што се ангажирале на каков било начин во нивното пронаоѓање.
Според објавата на мајката, девојчињата биле пронајдени во населбата Кисела Вода.
Веста дека двете девојчиња од Струмичко се пронајдени ја потврдија и од Министерството за внатрешни работи, од каде велат дека веднаш по добиената пријава од страна на полициските службеници преземени се соодветни мерки и малолетничките се пронајдени синоќа околу 23:50 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода.
Двете девојчиња биле дојдени на училишна екскурзија во Скопје, а за исчезнати беа пријавени од нивната наставничка која рекла дека последен пат ги видела пред трговскиот центар „Веро Џамбо“, од каде што најверојатно се упатиле кон центарот на Скопје.