Трет ден жалост се одбележува во Србија денеска поради трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград и масовното убиство во селата околу Смедерево и Младеновац.
Граѓаните ширум Србија им оддаваат почит на жртвите од двете масовни убиства. Во Дубона денеска ќе бидат погребани три жртви. На белградските гробишта вчера беа погребани четворица ученици и работникот од обезбедувањето во училиштето во Врачар. Во Мало Орашје беа погребани пет млади луѓе.
Видете и ова:
Погребани десет жртви од двете масовни убиства во СрбијаМинистерката за здравство Даница Грујичиќ за РТС изјави дека девојчето кое било примено по пукањето во ОУ „Владислав Рибникар“ сѐ уште е во критична состојба и витално загрозено, како и две девојки во масовното пукање кај Младеновац и Смедерево.
„Што се однесува до повредените во престрелката кај Младеновац и Смедерево, кои се во Клинички Центар, две девојчиња сѐ уште се во животна опасност. Девојката која имаше повреда на главата, иако постоперативниот скенер е навистина одличен, за жал и е оштетено левото око, куршумот останал таму. Таа сѐ уште е седатирана, па не можеме целосно да ја процениме нејзината состојба додека не почнеме да ја будиме“, изјави Грујичиќ.
Во критична состојба е и девојчето кое имаше повеќе абдоминални повреди, додаде таа и посочи дека денеска ќе и биде извршена нова интервенција.
„Момчето кое имаше повреда на феморалните артерии и вените на нозете е префрлено на Клиниката за васкуларна хирургија, ќе мора да добие дополнителни интервенции. Мажот кој имаше повреда на градниот кош и повреда на рбетот засега е стабилен, екстубиран и свесен. Разговарав со него, но за жал има параплегија. Што се однесува до момчето што дојде од Смедерево, направена е торакална дренажа, исто така е стабилен и екстубиран“, изјави Грујичиќ.
Таа посочи и дека пациентот во Клиничката болница „Драгиша Мишовиќ“ сѐ уште е на поддршка, за да го одржи притисокот.
„Што се однесува до момчето што е во болницата во Земун, имаше големи ортопедски повреди кои се згрижени, ќе има уште најмалку една или две операции и за жал кај сите, освен оние кои се пуштени, најверојатно ќе има уште една операција, рече министерката.
Во средата 13-годишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник. Во селата кај Младеновац, 21-годишен маж во петокот уби осум лица, а повреди 14.