Македонскиот претседател Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, денеска присуствуваше на свечена церемонија на крунисување на Неговото Величество Кралот Чарлс Трети и Кралицата Камила во Вестминстерската опатија во Лондон.
Пендаровски со сопругата присуствуваа и на прием во Бакингамската палата, приреден од Кралот Чарлс Трети за шефови на држави со кои Обединетото Кралство има дипломатски односи, за претставници на британските региони и прекуокеанските територии, како и за членови на кралското семејство и британската Влада.
Претседателот и сопругата присуствуваа на настаните во Лондон како одговор на поканата упатена до шефови на држави од британската страна.
„Македонско-британските релации се темелат на заеднички и универзални вредности и постојано се унапредуваат уште од нашата независност“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Во 2023 година Северна Македонија и Обединетото Кралство одбележуваат јубилеј од три децении од воспоставувањето на дипломатските односи.
Крунисувањето на кралот од прва рака го следеа 2300 официјално поканети гости од целиот свет. Чарлс Трети стана крал на Обединетото Кралство во септември кога кралицата Елизабета почина по 70 години поминати на тронот.