Обединетите нации (ОН) предупредија дека голем број деца се убиени во конфликтот во Судан, посочувајќи на извештаите дека седум деца се убиени или ранети секој час во североисточна африканска држава.
„Како што се стравуваше и предупредуваше, ситуацијата во Судан стана фатална за застрашувачки голем број деца“, изјави за новинарите во Женева Џејмс Елдер, портпарол на Детската агенција на Обединетите нации, УНИЦЕФ.
Конфликтот во Судан започна на 15 април меѓу армијата на суданскиот воен командант Абдел Фатах ал Бурхан и генералот Мохамед Хамдан Дагал, кој ги предводи паравоените единици на Силите за брза поддршка (РСФ).
Видете и ова: Во Судан договорен седумдневен прекин на огнотЕлдер рече дека УНИЦЕФ добил доверлив извештај, сè уште не потврден од независните набљудувачи на ОН, дека 190 деца биле убиени и 1 700 повредени во првите единаесет дена од конфликтот.
Тој посочи дека тоа се податоците на здравствените установи од главниот град Картум и регионот Дарфур.
Како што пренесува АФП, од почетокот на конфликтот, стотици луѓе се убиени, а стотици илјади ги напуштиле своите домови.
Завојуваните страни се согласија на серија кратки примирја, но ниту едно не беше целосно испочитувано, а воздушните напади и судирите продолжија во главниот град Картум во петокот.
Тешката ситуација во Судан ја осуди и Агенцијата на ОН за бегалци, повикувајќи ги сите земји да се воздржат од враќање на суданските граѓани во земјата.