Сашко Георгиев избран за нов претседател на Судскиот совет

Новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев

Судијата Сашко Георгиев е избран за нов претседател на Судскиот совет на итна седница која се одржа попладнево. Осум членови на телото гласаа „за“ изборот на Георгиев, а четири беа „против".

Седницата ја водеше заменик претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој пред гласањето рече дека претседателот се избира со осум гласа од членовите со право на глас, објави МИА.

На седницата не присуствуваше претходната претседателка на советот Весна Дамева, која беше разрешена минатиот месец во постапка која судската фела ја оцени како незаконска.

Видете и ова: Вера Коцо: Судскиот совет го стави судскиот систем на тапет

Пред гласањето Георгиев рече дека e горд што e предложен за претседател на Судскиот совед и дека ќе го прифати предлогот само ако е од сите заедно сплотени.

„Очекувам само сите заедно, сплотени и надпросечен придонес да ја вратиме довербата пред се меѓу нас и граѓаните. Затоа ве повикувам, доколку овој предлог излегува искрено, само сите заедно ќе го прифатам овој предизвик. Ве повикувам сите, да придонесеме, доколку стоите позади мене го прифаќам предлогот“, изјави Георгиев.

Членовите на советот Мирјана Радевска Стефкова, Зоран Герасимоски, Ивица Николовски и Мери Радевска, без да образложуваат кажаа дека „принципиелно гласале против" бидејќи, Георгиев гласал за разрешувањето на Дамева и со тоа и самиот придонел за состојбата во која се нашол Судскиот совет.

Гергиев од 2001 до 2008 година работел како адвокат во адвокатска канцеларија во Штип, а потоа е избран за судија во Основен суд Штип, каде работи до 2018 година работеше како судија-кривичар.

Во периодот од 2014 до 2016 година е член на Управен одбор на Здружение на судии на Република Македонија, по што во 2017 година е избран за претседател на Здружението на судии на подружницата во Основен суд Штип. Во 2018 година е избран за член на Судски совет.

Видете и ова: Судскиот совет повторно не избра претседател, судството во „жив песок“

Инаку, Судскиот совет претходно два пати не успеа да избере нов претседател. Првата седница на 27 април беше одложена поради немање мнозинство, а втората на 2 мај беше одложена поради непознати причини.

Разрешувањето на Дамева се случи еден ден претходно, на седница на 26 април на која се очекуваше да биде сменет судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети кој со месеци го чуваше предметот за една од најголемите афери со прислушувањето „Таргет-Тврдина.

Седница беше тензична, а разрешувањето на Дамева дојде откако потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми го презеде од неа раководењето на седницата и го стави на гласање нејзиното разрешување за кое се изјаснија 7 членови. Инаку, нов претседател се избира со осум гласови „За.“

Разрешувањето на Дамева и случувањата во Судскиот совет предизвикаа бројни реакции во јавноста, а правните експерти го оценија како нелегитимно. Ситуацијата повторно ги покрена прашањата за непристрасноста и независноста на судството.

Судската фела и правните експерти реагираа дека разрешувањето на Дамева е незаконско. За овие случувања загриженост изрази Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), но и „Блупринт групата за реформи во правосудството“.