Израел и палестинските вооружени организации во Појасот Газа се согласија на прекин на огнот

Илустративна фотографија

Израел и палестинските вооружени организации во Појасот Газа се согласија на прекин на огнот, според извештаите на медиумите, по ескалацијата на насилството во вторникот предизвикана од смртта на истакнат член на Исламски џихад за време на штрајк со глад во израелски затвор.

Прекинот на огнот стапи на сила во средата во 3:30 часот по локално време, благодарение на посредништво на претставници на Египет, Катар и на ОН.

Портпаролот на Исламскиот џихад Тарик Селми изјави дека судирите престанале.

Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Појасот Газа, претходно соопшти дека преговара за ставање крај на израелската „агресија“ на палестинската територија.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије ги водеше разговорите за прекин на израелските тенковски и воздушни напади во вторникот и палестинскиот ракетен напад врз Израел по смртта на Кадер Аднан, кој штрајкуваше со глад 87 дена.

Израелската армија соопшти дека најмалку 37 ракети биле истрелани од Појасот Газа, а две паднале во пограничниот град Сдерот.

Три лица се ранети, меѓу кои и еден странец кој се здобил со тешки повреди, но неговата состојба е подобрена, подоцна беше соопштено.

Израелските воздушни напади беа насочени кон неколку места во Појасот Газа, каде живеат повеќе од два милиони луѓе, изјавија безбедносни извори и палестински очевидци.

Видете и ова: Растат тензиите околу храмот во Ерусалим по ракетните напади од Сирија

По стапувањето на сила на прекинот на огнот, набрзо се огласија сирените за противракетна одбрана во јужен Израел, но засега нема извештаи за повредени или оштетувања или потврда дека била истрелана ракета, јавуваат израелските медиуми.

По проценката на ситуацијата, израелската армија им наложи на жителите на пограничните населби да се вратат на нивната нормална рутина, пренесоа израелските медиуми.

Израелските медиуми објавија дека Аднан е уапсен под обвинение за вмешаност во терористички активности и дека е во затвор и го чека судењето.

Тој е првиот палестински затвореник кој починал за време на штрајк со глад во израелски притвор. Набргу по објавувањето на веста за неговата смрт, четири ракети беа истрелани од Појасот Газа, а израелската армија отвори тенковски оган врз набљудувачката станица на Хамас во близина на границата.