ОН - Над 100 илјади бегалци од Судан поради конфиктот

Бегалци од Судан во Чад, 1 мај 2023 година.

Над 100 илјади бегалци преминале од Судан во соседните земји за да побегнат од конфликтот што избувна во таа земја минатиот месец, изјави претставничката на Високиот комесаријат на ОН за бегалци Олга Сарадо.

Таа на брифингот во Женева на 2 мај рече дека постои ризик од хуманитарна криза. Десетици илјади Суданци и странци се уште се обидуваат да побегнат од земјата зафатена со конфликт, која запаѓа во хаос.

Во меѓувреме во главниот град на Судан, Картум продолжуваат пукањето и експлозиите и покрај вториот договор за прекин на огнот.

Видете и ова: Хуманитарното примирје во Судан е продолженото за 72 часа

Судирите ризикуваат да прераснат во поширока катастрофа бидејќи осиромашените соседи на Судан се соочуваат со бегалска криза и со борби со кои се оневозможува помошта да стигне до оваа земја, во која две третини од луѓето веќе се потпираат на некоја помош кога доаѓа од страна.

Официјални претставници на Обединетите нации рекоа дека шефот за помош на ОН Мартин Грифитс имал намера да го посети Судан во вторник, но времето допрва треба да биде потврдено.

Видете и ова: Македонско осумчлено семејство чека евакуација од Судан

Светската програма за храна на ОН во понеделникот соопшти дека продолжува со работа во побезбедните делови на земјата по паузата претходно во конфликтот, во кој загинаа неколку членови на организацијата.

„Ризикот е дека ова не е само суданска, туку и регионална криза“, рече Мајкл Данфорд, директор на огранокот на организацијата во Источна Африка.

Командантите на армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) кои претходно ја споделуваа власта како дел од транзицијата кон слободни избори и цивилна влада поддржана од меѓународно ниво, не покажуваат знаци на повлекување, но ниту еден од нив не изгледа способен да обезбеди брза победа.