Маричиќ - Росвал: С. Македонија треба да се задржи на европскиот пат

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на 2 мај се сретна со шведската министерка за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал

Северна Македонија треба да се задржи на европскиот пат оцениле вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и шведската министерка за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал, на средбата на 2 мај во Скопје.

Соговорниците се согласиле дека Шведска континуирано дава поддршка на европскиот пат на Северна Македонија и има голема улога во напредокот на реформската агенда.

Вицепремиерот Маричиќ посочиле дека посетата на Росвал за време на шведското претседавање со Советот на Европската унија, е од голема политичка важност за С. Македонија.

Двајцата соговорници зборувале и за билатералната развојна помош што Кралството Шведска и ја дава на Северна Македонија и стратешките цели на двете држави.

Росвал посочила дека Шведска продолжува да дава континуирана поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, но дека останува на земјата да ги спроведе домашните задачи и обврски што произлегуваат од Преговарачката рамка, со заеднички консензус околу прашањето за европската перспектива на земјата.

Видете и ова: Има дестабилизирачки тенденции на европскиот пат на Западен Балкан

Росвал нагласила дека политичкиот моментум за проширување на ЕУ треба да се искористи и да се направи нов исчекор кон ЕУ.

Росвал во рамки на нејзината официјална посета на Скопје се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, a ќе има средба и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Претседателот Пендаровски на средбата ја реафирмира и поддршката од Северна Македонија за скорешно членство на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за севкупната стабилност на европскиот континент, се наведува во соопштението од претседателскиот Кабинет.

Министерката за ЕУ и Нордиска соработка посетата на Скопје ја реализира на покана на вицепремиерот Маричиќ, кој неодамна беше во посета на Кралството Шведска. Од Скопје, шведската делегација заминува за Тирана каде министерката Росвал ќе оствари средби со високи државни претставници.

Македонија и Албанија во пакет на 19 јули 2022 започнаа преговори за влез во Европската унија, но македонското Собрание треба да донесе уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот за да почне отворањето на поглавја во преговорите со ЕУ.