Банкрот на трета американска банка

Американската банка First Republic Bank поднела барање за банкрот, потврди денеска американската федерална корпорација за осигурување на депозити (FDIC). Гигантот на инвестициското банкарство JP Morgan Chase ќе ја преземе банката.

Според договорот постигнат со посредство на регулаторите, JP Morgan Chase ќе ги преземе сите депозити и поголемиот дел од акциите на First Republic Bank.

First Republic е третата американска банка што пропадна во изминатите неколку месеци, што ја подгрева загриженоста дека банкарската криза се шири.

Видете и ова: Бајден – Банкарската криза се смири

Акциите на банката со седиште во Сан Франциско паднаа за повеќе од 75 отсто минатата недела, откако таа призна дека клиентите повлекле 100 милијарди долари во текот на март.

Банкротот на First Republic Bank следи по колапсот на Silicon Valley Bank (SVB) во март и колапсот на Signature Bank.

Џејми Димон, извршен директор на JP Morgan Chase, рече дека владата го „поканила“ банкарскиот гигант, заедно со другите, да ги преземат работите во свои раце „и ние го направивме“.

Видете и ова: Доверба во банките или пари под перница - државата гарантира до 30.000 евра

Тој додаде дека преземањето ќе донесе „скромна придобивка“ за компанијата и ќе биде „комплементарен“ дел од сегашната компанија.