Адеми за разрешувањето на Дамева: Сѐ што не е забрането со Устав, е дозволено со закон

Судски совет, илустрација

Заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој го иницираше разрешувањето на претседателката на Советот, Весна Дамева, вели дека се согласува со правните експерти дека со Законот за Судскиот совет не е предвидено разрешување на претседателот на ова тело. Сепак, во интервју за Порталб, во своето толкување на ова прашање, за кое првпат јавно го изнесува својот став, вели: „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.

„Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со устав и со закон е дозволено“, вели Адеми во интервјуто.

Видете и ова: Судскиот Совет ja разреши претседателката Дамева

Толкувајќи го Законот, Адеми вели дека Судскиот совет одлуките ги носи со мнозинство гласови, па така било и со разрешувањето на Дамева.

„Во Советот имавме мнозинство и беше гласано 7 спрема 5. Советот брои 13 члена, плус два члена без право на глас, но Законот се однесува на 13 члена кои имаат право на глас, значи седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура“, вели Адеми.

Весна Дамева во средата беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, што предизвика бран реакции од експерти и невладини организации, кои, меѓу другото, посочија дека ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот, кој ја уредува работата на ова тело, не е предвидена процедура за разрешување претседател.

„За“ разрешување на Дамева гласаа седум членови на Советот, иако за избор на претседател се неопходни најмалку осум гласа во телото со 15 члена.